Украинскиот премиер Денис Шмихал денеска изјави пред Парламентот дека два од трите документи поврзани со договорот со САД за минерали не бараат ратификација, објави пратеникот Јарослав Железњак на мрежата Телеграм.
Во својата објава, Железњак, исто така, посочи дека Парламентот планира гласање за ратификација на 8 мај.
Киев и Вашингтон во средата потпишаа договор со кој на САД им се дава преференцијален пристап до нови договори за украински минерали и ќе се обезбедат инвестиции во обновата на Украина.
Договорот, кој е силно промовиран од американскиот претседател Доналд Трамп, е клучен елемент во напорите на Киев да ги поправи односите со Белата куќа (неговиот главен поддржувач во војната против руската инвазија), кои се влошија откако Трамп дојде на власт во јануари.
Регистарот на украинскиот Парламент покажува дека владата доцна синоќа поднесе предлог-закон за договорот за минерали со САД.
Вчера, првата вицепремиерка и министерка за економија на Украина, Јулија Свириденко, на онлајн брифинг изјави дека украинската страна сака да го ратификува договорот што е можно поскоро и планира да го стори тоа во наредните недели.
Според Железњак, Шмихал објаснил во парламентот дека двата дополнителни документи се однесуваат на деталите за спроведување на договорот и не бараат гласање во парламентот за нивна ратификација.