Документите, објавени минатата недела од страна на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, вклучуваат снимка од екранот од е-пошта упатена до Епштајн, кој веќе отслужувал 13-месечна затворска казна за сексуални злосторства врз деца, објавува „Дејли меил“.
Откритието доаѓа додека новинарите пребаруваат илјадници страници документи и додека американскиот Конгрес се подготвува да гласа за објавување на сите досиеја на Епштајн, со необична поддршка од претседателот Трамп, кој одеднаш се предомисли.
Трамп, кој некогаш бил пријател со Епштајн, тврди дека му бил забранет влезот во Мар-а-Лаго во октомври 2007 година затоа што бил „морничав“. Тој им рекол на новинарите на летот на „Ер Форс Уан“ дека „Џефри Епштајн и јас имавме многу лоша врска многу години“.
Jared Kushner invited Jeffrey Epstein to star-studded NYC party with Trump and Harvey Weinstein https://t.co/4mGNh7X4Rr
— Daily Mail (@DailyMail) November 18, 2025
Кушнер тогаш беше сопственик на неделникот „Њујорк Обзервер“ кога Епштајн доби покана преку е-пошта за прославата на 25-годишнината од весникот на 14 март 2013 година. Не е јасно дали финансиерот присуствувал на настанот.
„Градоначалникот Мајкл Блумберг ќе биде таму да ви наздрави на сите“, се вели во е-поштата што му ја испратила на Епштајн асистентката на Кушнер, Лорен Гроф.
На списокот на гости беа неговата сопруга Иванка и нејзиниот татко Доналд Трамп, како и тогашниот градоначалник на Њуарк Кори Букер, кој во тоа време се кандидираше за американскиот Сенат, актерките Блејк Лајвли и Кејти Холмс, модната дизајнерка Каролина Херера и тогашната сопруга на Харви Вајнштајн, модната дизајнерка Џорџина Чепмен.
Епштајн беше осуден во Флорида во 2008 година по обвинение за проституција и подведување на малолетнички, и отслужи 13 месеци во програма за општествено корисна работа како дел од контроверзен договор за признавање на вина.
На списокот на гости на Кушнер беа неколку осудени и наскоро осудени сексуални престапници. Обвиненијата за силување против Вајнштајн се појавија во 2017 година, а тој моментално отслужува 16-годишна казна затвор за силување.
Поранешниот главен уредник на „Њујорк Обзервер“, Кен Курсон, исто така беше на списокот на гости. Трамп го помилува во 2021 година откако беше обвинет за сајбер-насилство. Во е-пошта од март 2013 година се вели дека забавата ќе ги почести „најдобрите“ и „најпаметните“ од Њујорк.
„Обзервер им оддава почит на оние кои го дефинираа и обликуваа Њујорк од 1987 година“, се вели во е-поштата, додавајќи:
„Тие ги слават најдобрите, најпаметните и највлијателните во градот во културата, медиумите и финансиите. Прославата ќе биде една од оние типични њујоршки ноќи. Со нетрпение очекуваме да ве видиме.“
Кушнер, како издавач, и Џозеф Мејер, како извршен директор, беа домаќини на забавата на „Обзервер“. Неделникот, кој стана целосно дигитален во 2016 година, беше купен од Кушнер во 2006 година, а својот удел во сопственост го продаде во 2017 година кога ја прифати својата улога во администрацијата на Трамп. Публикацијата беше продадена на „семеен фонд“.

