Министрите за надворешни работи на Пакистан, Турција, Саудиска Арабија и Египет се состанаа во Исламабад, во обид да ја деескалираат војната на Блискиот Исток додека илјадници американски маринци пристигнаа во регионот со цел како што тврди Техеран, да извршат копнена инвазија на Иран. Државниот секретар на САД, Марко Рубио, пак очекува војната да заврши наскоро.
„Како што Министерството за војна постојано нагласува, ние сме на или пред распоредот во таа операција и очекуваме да ја завршиме во соодветно време за неколку недели, а не месеци, а напредокот оди многу добро.“
Претседателот на Иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, порача дека иранските сили се подготвени да ги елиминираат американските трупи кои ќе пристигнат на Иранска територија. Исто така, по нападите врз универзитетски кампуси во Иран, Техеран се закани дека ќе одговори реципрочно по универзитети во САД и Израел доколку Вашингтон не ги осуди нападите.
Со влегувањето во војната на Јеменските хути кои ветија напади врз Израел, Блискиот Исток се соочува со нова ескалација, а во меѓувреме Либија го обвини Израел за воено злосторство по ракетните напади во кои загинаа над 50 медицински лица и неколкумина новинари. Иако американскиот претседател Доналд Трамп му даде рок на Техеран до 6ти април да го отвори Ормутскиот теснец а побара помош и од Европските партнери, засега тие остануваат на ставот дека Европа ќе помогне со патролата на Ормутскиот теснец само откако војната ќе заврши.

