САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот во Газа

9.12.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот во Газа

Тринаесет членки на Советот за безбедност ја поддржаа нацрт-резолуцијата поднесена од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), додека Велика Британија се воздржа од гласањето. Гласањето доаѓа откако генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во средата го предупреди Советот за безбедност на глобалната закана од двомесечната војна во Газа.

-Која е пораката што им ја испраќаме на Палестинците ако не можеме да се обединиме зад повикот за привремено запирање на масовното бомбардирање на Газа?, рече заменикот постојан претставник на ОАЕ во ОН, Мохамед Абушахаб.

Заменик-постојаниот претставник на САД во ОН Роберт Вуд истакна дека нацрт-резолуцијата е одвоена од реалноста и „нема да промени ништо на теренот“. -Затоа, иако САД силно го поддржуваат воспоставувањето траен мир во кој Израелците и Палестинците ќе можат да живеат во мир и безбедност, ние не ги поддржуваме повиците за итен прекин на огнот, додаде американскиот дипломат.

-Нашите американски колеги буквално пред наши очи потпишаа смртни налози за илјадници, ако не и десетици илјади повеќе цивили во Палестина и Израел, вклучувајќи жени и деца, како и претставници на ОН кои се обидуваат да им помогнат. Историјата ќе покаже проценка на овие дејствија од Вашингтон, изјави заменик постојаниот претставник на Русија во ОН Дмитриј Полјански.

САД и Израел се противат на прекин на огнот затоа што веруваат дека тоа само ќе му користи на Хамас. Наместо тоа, Вашингтон повикува на пауза во непријателствата за да се заштитат цивилите и да се дозволи ослободување на заложниците земени од Хамас. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата