САД подготвуваат копнена офанзива против Иран?

27.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД подготвуваат копнена офанзива против Иран?

 Американскиот претседател и натаму тврди дека преговорите со Техеран добро напредуваат, Иран категорично негира, а разногласијата повторно ја вивнаа цената на нафтата на 110 долари за барел, особено по информациите дека Пентагон планира да испрати 10 илјади нови трупи на Блискиот Исток. Проценките на Трамп сега се дека во најлош случај конфликтот би траел уште две недели.

-Проценивме дека ќе бидат потребно приближно 4 до 6 недели за да ја постигнеме нашата мисија. Дваесет и шест дена подоцна сме екстремно, навистина, многу пред предвиденото. Иранскиот режим сега признава дека е убедливо поразен. Тие им велат на луѓето: „Ова е катастрофа“. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД

-Тие (САД) ја предадоа дипломатијата втор пат во период од 9 месеци, торпедирајќи ја преговарачката маса. Нашата одбрана ќе трае колку што е потребно.  , изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Дипломатска игра на нерви се одвива и на состанокот на Г-7 во Франција, каде доминантни прашања се ставање крај на војната во Иран и отворањето на Ормускиот теснец. На прво соочување со своите колеги од почетокот на конфликтот допатува и американскиот државен секретар Марко Рубио. Тој уште пред доаѓањето во Серн Ла Вил близу Париз, најави дека ќе се спротивстави на ставот на сојузниците дека тие што ја почнале војната без консултиции, треба самите да ја завршат.

-Имаше неколку лидери во Европа кои рекоа дека ова не е војна на Европа. Па и украинската не е американска војна, а ние придонесовме во таа војна повеќе од која било земја на светот. , изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека САД и Иран многу скоро ќе ги одржат првите директни преговори во Пакистан, но ниту Вашингтон, ниту Техеран не ја потврдија информацијата.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата