„Ниту војна, ниту мир“ – вака дел од светските медиуми ја опишуваат ситуацијата во Ормускиот теснец ден откако блокадата на САД стапи на сила. Потегот на Трамп следуваше по колапсот на мировните преговори во Исламабад, а иако има најави за нови разговори оваа или следната недела, властите во Вашингтон појаснија дека покрај поморскиот коридор, под блокада се и иранските пристапништа. Американскиот потпретседател Венс кој го обвини Техеран за економски тероризам, појасни дека одлуката била донесена за да биде противтежа на иранската блокада на теснецот.
„Тие (Иран) се впуштија во овој акт на економски тероризам против целиот свет. Во суштина тие се заканија на било кој брод кој се движи низ Ормускиот теснец. Како што покажа претседателот на САД, двајца можат да ја играат таа игра и ако иранците се обидуваат да прават економски тероризам, ние ќе се водиме од едноставниот принцип дека ниту еден ирански брод нема да може да помине исто така. Знаеме дека тоа е голема работа за нив, знаеме дека тоа им прави дополнителен економски притисок.“
Сепак, и покрај блокадата најмалку четири бродови поврзани со Иран, користејќи лажни сигнали успеале да поминат низ теснецот, додека официјален Техеран упати директна порака дека безбедноста во заливот ќе биде за сите или за никого.
„Рестрикциите на криминалната Америка на движењето на бродови во меѓународни води е нелегален акт и пример за пиратство. Вооружените сили на Исламската република Иран, експлицитно и одлучно изјавуваат дека безбедноста на пристаништата во Персискиот залив и во Оманското море или се за сите или за никого. “
Во меѓувреме и Кина излезе со мировен предлог за блискиот исток во четири точки. Предглогот на кој до сега познати му се само контурите, според кинеските државни медиуми вклучува почитување на принципите на мирен соживот, национален суверенитет, почитување на меѓународното право и хармонизација на развојот и безбедноста. Паралелно со предлогот, официјален Пекинг денеска ја осуди блокадата на иранските пристаништа која ја оцени како опасна и недоговорна мерка.
„Блокадата на САД на Ормускиот теснец само дополнително ќе ги зголеми тензиите и ќе го поткопа веќе кревкиот договор за примирје. Ова е опасно и неодговорно однесување.“
До сега и покрај повиците на Трамп, клучните земји-членки на НАТО исклучија секаква можност да се вклучат во конфликтот, а дел од нив и одбија да помогнат во воспоставување на американската блокада на теснецот. Дополнително и шефицата на европската дипломатија Каја Калас посочи дека Европската Унија не поддржува никакви мерки кои би ја ограничиле слободната пловидба низ Ормускиот теснец. Според неа, се уште не е јасно што точно подразбира американската блокада на иранските пристаништа.

