САД испраќаат уште војници во Нигерија

11.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД испраќаат уште војници во Нигерија

 САД планираат да испратат околу 200 војници во Нигерија за да ја обучат војската на таа африканска држава за борба против исламистичките милитанти, изјави американски официјален претставник, неколку недели откако претседателот Доналд Трамп нареди воздушни напади врз она што тој го нарече цели на Исламската држава.

Американската војска минатата недела соопшти дека испратила мал тим војници во Нигерија без да го наведе бројот, што е прво признание за американски сили на терен откако Вашингтон изврши воздушен напад на Божиќ. Трамп рече дека би можело да има повеќе американски воени акции во Нигерија, а некои агенции јавија дека САД вршат набљудувачки летови над земјата од Гана, најмалку од крајот на ноември.

Официјален претставник рекол дека 200-те војници ќе го надополнат малубројниот американски воен персонал кој е веќе во Нигерија за да им помогне на локалните сили. Американската команда за Африка засега не одговорила на барањето за коментар.

Нигерија е под интензивен притисок од Вашингтон да дејствува откако Трамп тврдеше дека западноафриканската држава не успева да ги заштити христијаните од исламистичките милитанти кои дејствуваат на северозападот.

Нигериската влада негира каков било систематски прогон на христијаните, велејќи дека се бори против исламистичките борци и други вооружени групи кои ги напаѓаат и убиваат и христијаните и муслиманите.

Борците на Боко Харам и Исламската држава во Западноафриканската провинција (ISWAP) ги засилија нападите врз воените конвои и цивилите, а северозападот останува епицентар на 17-годишниот исламистички бунт.

Населението на Нигерија од над 230 милиони луѓе е приближно подеднакво поделено меѓу христијаните, кои преовладуваат на југот, и муслиманите, кои преовладуваат на северот. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата