САД ги повикаа своите граѓани во Иран веднаш да ја напуштат земјата

13.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
САД ги повикаа своите граѓани во Иран веднаш да ја напуштат земјата

Владата на САД нема дипломатски или конзуларни односи со Иран, а интересите на САД во Иран ги претставува Швајцарија преку нејзината амбасада во Техеран.

„Напуштете го Иран веднаш. Треба да имате план за напуштање на Иран, кој не зависи од помошта на американската влада. Ако не можете да заминете, пронајдете безбедно место во вашиот дом или друга безбедна зграда. Снабдете се со храна, вода, лекови и други основни потреби“, се наведува во предупредувањето.

Американските власти изјавија дека лицата со двојно државјанство мора да го напуштат Иран користејќи ирански пасош.

„Иранската влада не признава двојно државјанство и ќе го третира двојното државјанство на САД и Иран исклучиво како иранско. Граѓаните на САД се изложени на значителен ризик од испрашување, апсење и притвор во Иран. Покажувањето американски пасош или докажувањето врски со САД може да биде доволна причина иранските власти да приведат некого“, се наведува во предупредувањето.

Американските власти наведуваат дека е можно да се напушти Иран по копнен пат преку границата со Ерменија, Турција и Туркменистан и додаваат дека на граѓаните на САД им е потребна посебна дозвола од туркменистанските власти за да преминат во Туркменистан.

Американскиот претседател Доналд Трамп во последните денови постојано повторуваше дека ја разгледува можноста за воена интервенција против иранските власти.

И Австралија вчера исто така ги повика своите граѓани веднаш да го напуштат Иран. Министерството за надворешни работи на Австралија објави дека бројот на комерцијални летови од Иран се намалува и дека набргу е можно затворање на иранскиот воздушен простор.

„Одговорот на безбедносните сили на протестите беше суров, а многу демонстранти и минувачи беа повредени, убиени или приведени. Избегнувајте јавни собири и протести. Австралијците, вклучително и оние со двојно државјанство, се изложени на висок ризик од апсење“, соопшти австралиското Министерство на онлајн=сервисот за помош на домашните патници.

Неименуван ирански функционер денеска изјави дека речиси 2.000 луѓе загинале во протестите во Иран.

Тој го изјави ова за „Ројтерс“ и додаде дека „терористите“ се виновни за смртта на цивилите и припадниците на безбедносните сили.

Иранските власти претходно ги обвинија САД и Израел за организирање масовни протести во земјата, кои траат од 28 декември минатата година.

Протестите, првично предизвикани од тешката економска состојба и девалвацијата на националната валута, набргу добија политичка димензија.

Според вестите на „Активистите за човекови права“ со седиште во САД, за време на двонеделните протести приведени се повеќе од 10.700 лица, а вкупно 646 лица загинаа, вклучувајќи 512 демонстранти и 134 припадници на безбедносните сили, пренесува „Ројтерс“.

Поради прекинот на интернетот, независна процена на обемот на протестите и бројот на жртви од странство е тешка, а иранските власти не објавија официјален број на жртви, наведува британската агенција. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата