Руте: Земјите членки на НАТО постигнаа напредок во вложувањето во одбраната

12.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Руте: Земјите членки на НАТО постигнаа напредок во вложувањето во одбраната

Генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, Марк Руте, по завршувањето на денешниот состанок на министрите за одбрана во Брисел, изјави дека земјите членки на НАТО постигнаа напредок во вложувањето во одбраната, неопходна за зачувување на безбедноста.

Тој наведе дека на состанокот се разгледувал напредокот на сојузниците во спроведување на одлуките од Самитот во јуни во Хаг во 2025 година за зголемување на расходите за одбрана на пет проценти од бруто домашниот производ.

- Доказите за напредок во исполнувањето на таа обврска се видливи. Веќе видовме огромна промена во 2025 година. Данска, Естонија, Литванија, Летонија, Полска веќе ја исполнија или надминаа таа цел, Германија е на добар пат да ги удвои тие инвестиции во споредба од пред неколку години. Овие инвестиции се од витално значење за нашата безбедност, истакна Руте.

Тој посочи дека денешниот состанок бил фокусиран на зајакнување на одвраќањето и обезбедување континуирана поддршка за Украина, на кои ѝ е потребна поголема поддршка.

- НАТО е со Украина. Нашата безбедност е поврзана и сите сакаме да видиме траен и праведен крај на таа брутална војна. Сојузниците се обединети во нивната поддршка за Украина и нивната посветеност да го бранат секој сантиметар од нашата територија, истакна Руте.

На денешниот состанок во Брисел не присуствуваше американскиот министер за одбрана Пит Хегсет туку неговиот заменик Елбриџ Колби. Руте демантираше дека тоа укажува на поделби во НАТО или во однос на војната во Украина.

Тој потенцира дека САД се целосно посветени на НАТО.

- САД го прекинаа застојот во мировниот процес со Русија, што беше клучно, ги предводат мировните преговори и не информираат за состојбата. Сите имаме една цел: Да ја завршиме таа војна така што Русија никогаш повеќе да не се обиде да ја нападне Украина, наведе Руте.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата