Руте: Мора да бидеме подготвени да се соочиме јасните, реални и трајни предизвици

21.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Руте: Мора да бидеме подготвени да се соочиме јасните, реални и трајни предизвици

Безбедносната ситуација и стратешкиот контекст бараат наша постојано будност во услови кога Русија разместува воена опрема насекаде наоколу и нè тестира во воздушниот простор и преку кибернапади и саботажи, порача генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во видеообраќањето на состанокот на Воениот комитет на Алијансата на ниво на началници на генералштабови на земјите членки што денеска и утре се одржува во Брисел.

- Но, не е само Русија. Кина, Иран и Северна Кореа ја потпомагаат војната на Москва против Украина. Овие земји се подготвуваат за долгорочна конфронтација со нас. Во исто време, продолжува и опасноста од тероризмот и нестабилноста во јужното соседство на НАТО. Овие предизвици со кои се соочуваме се јасни, реални и трајни и мора да бидеме подготвени, истакна Руте, кој денеска престојува во Давос на Светскиот економски форум.

Од тие причини, според Руте, потребно е зголемување на инвестициите и иновациите во одбранбеното производството од двете страни на Атлантикот, со цел членките на НАТО да можат да се одбранат, но тоа воено е добро и за вооружените сили, индустријата, бизнисите и колективната безбедност на Алијансата.

- Постигнуваме солиден напредок, но очигледно има уште многу да се направи. Во пресрет на нашиот Самит во јули во Анкара, европските сојузници и Канада мора итно јасно да покажат зголемување на инвестициите во одбраната и да преземат поголем дел од одговорноста за конвенционалното одвраќање и одбраната, рече Руте, додавајќи дека безбедноста е тимски напор, па затоа НАТО ќе ја зајакне соработката со своите партнери ширум светот.

Во воведното обраќање на состанокот, претседавачот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне оцени дека безбедносната слика на почетокот на 2026 година продолжува да биде исклучително тешка, во услови кога продолжуваат руската војна против Украина и нестабилноста и насилството во јужното соседство на НАТО.

- Тензиите, исто така, влијаат на трговските патишта, енергетските текови и безбедноста и надвор од Европа и Северна Америка. Други малигни актери продолжуваат да ја загрозуваат глобалната стабилност. Секој ден се соочуваме со кибернапади, саботажи, притисоци и дезинформации. Новата технологија може побрзо да ги шири овие хибридни закани и да го отежне нивното следење, рече Каво Драгоне.

Тој ја поздрави иницијативата на САД за мир во Украина и активностите на Коалицијата на расположените, под водство на Франција и Велика Британија, за поддршка на мировните напори, паралелно со „посилната и поорганизирана“ поддршка на НАТО за Киев.

- Во последната година, ја зајакнавме будноста и активностите за заштита на нашите сопствени земји, вклучително и преку успешното лансирање на „Балтичка стража“ и „Источна стража“. Го зголемивме бројот и обемот на нашите вежби. Од воена гледна точка, овие напори демонстрираат модерна Алијанса која може да се брани и одвраќа, нагласи италијанскиот адмирал.

Тој истакна дека безбедноста ги засега сите и тоа не е само прашање на политичарите, на армиите на 32-те земји членки на НАТО и на овој Комитет, туку тоа го засега секое семејство, секоја заедница и секое работно место.

- Затоа ни е потребна не само поддршка, туку и вистинско ангажирање од повеќе од милијардата луѓе кои сме посветени да ги браниме, потенцира Каво Драгоне. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата