- Ограничувањата на мобилниот интернет го отежнуваат животот и на економијата и на граѓаните - изјави претседателот на индустрискиот сојуз Александар Шохин на годишната средба на организацијата во Москва, во присуство на Путин.
Тој нагласи дека, иако мерките се поврзани со безбедноста, потребно е да се најде „системско и балансирано решение“, кое ќе го земе предвид значењето на дигиталните технологии за економијата. Според него, бизнис-заедницата разбира дека задачата не е лесна и генерално ја поддржува супституцијата на увозот во дигиталниот сектор. Во исто време, ограничувањето на странските решенија, како што посочи, треба да се спроведува на „предвидлив начин“ земајќи го предвид развојот на руските алтернативи.
Според медиумските извештаи, рускиот претседател не ги коментирал јавно критиките.
Ограничувањата предизвикуваат растечко незадоволство кај населението бидејќи ги отежнуваат клучните услуги, како што се безготовинските плаќања, банкарските трансфери, нарачките и транспортните апликации. Се споменува и можна целосна блокада на апликацијата „Телеграм“.
Властите ги оправдуваат мерките со безбедносни причини и со потребата од заштита од украински напади со дронови и ракети.
Критики доаѓаат и од медиуми блиски до власта. Весникот „Независимаја газета“ предупредува дека Русија ризикува да заостане во развојот на интернет-економијата доколку ограничувањата се продлабочат и повикува да не им се препушти целосната контрола врз клучните технологии на безбедносните структури.

