Руски брод го вклучи алармот на граница со НАТО држава, истакнаа чудно знаме (ВИДЕО)

3.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Руски брод го вклучи алармот на граница со НАТО држава, истакнаа чудно знаме (ВИДЕО)

Руски граничен брод што плови под знамето на озлогласената група Вагнер вчера беше забележан како патролира по реката Нарва, природната граница меѓу Естонија и Русија, предизвикувајќи брза, но хумористична реакција од главниот град Талин, објавува „Киев пост“.

Естонското Министерство за надворешни работи даде саркастична објава на платформата X, сугерирајќи дека групата Вагнер ја презела руската гранична служба.

„Дали Вагнер повторно маршира кон Москва или овој пат започнува со Санкт Петербург? Тешко е да се каже. Од наша страна, се чини дека веќе ги анектираа руските граничари. Кој знае…“ се вели во објавата, потсетувајќи на краткотрајниот бунт на групата Вагнер против Владимир Путин во 2023 година.

Министерството, исто така, објави видео од бродот како плови по реката, веејќи црно знаме со бел череп.

Естонскиот министер за надворешни работи, Маргус Цакна, подоцна изјави дека појавувањето на знамето е „знак за распаѓање на рускиот систем“.

„Ова потврдува дека рускиот „челичен“ систем се распаѓа како резултат на агресивната војна што ја започна и постојаниот притисок од Западот. Што и да се обидуваат Русите да направат на реката Нарва, се случува под наше будно око“, рече Цакна во соопштението, објавува „Јутарњи“.

Групата „Вагнер“, некогаш предводена од Евгениј Пригожин, стана озлогласена по својата улога во војните во Украина, Сирија, Либија и Мали.

Нивниот бунт во летото 2023 година накратко ја загрози Москва пред да биде нагло прекинат, а Пригожин загина два месеци подоцна во авионска несреќа.

Инцидентот се случува во време на обновени тензии долж реката Нарва. Руските граничари отстранија 25 естонски навигациски бови во мај оваа година, тврдејќи дека биле неправилно инсталирани. Естонија оттогаш испрати три дипломатски ноти барајќи нивно враќање и предупредувајќи дека таквите дејствија се неприфатливи.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата