Рубио: Иран да се откаже од збогатувањето на ураниум и ракетите со долг дострел

2. 05. 2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Рубио: Иран да се откаже од збогатувањето на ураниум и ракетите со долг дострел

Иран мора да се откаже од збогатувањето на ураниум и развојот на ракети со долг дострел и да им дозволи на американските инспектори влез во неговите нуклеарни постројки, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.

Тој го изјави ова во време на одложување на уште една рунда преговори меѓу Вашингтон и Техеран.

Коментарите на Рубио ги истакнуваат клучните преостанати разлики во позициите во преговорите меѓу страните за решавање на долготрајниот спор околу нуклеарната програма на Иран, при што американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја бомбардира Исламската Република доколку не се постигне договор.

-Тие мора да престанат да ги финансираат терористите, да ги поддржуваат јеменските бунтовници Хути, да градат ракети со долг дострел кои немаат друга намена освен да носат нуклеарни боеви глави и да збогатуваат ураниум, рече високиот американски дипломат во интервју за „Фокс њуз“.

Иран постојано повторува дека нема да се откаже од својата ракетна програма или од збогатувањето на ураниум, процес што се користи за производство на гориво за нуклеарни реактори, но кој може да произведе и материјал што се користи за создавање нуклеарна боева глава.

Вчера, висок ирански функционер изјави дека планираната четврта рунда разговори, која требаше да се одржи утре во Рим, е одложена и дека ќе биде одреден нов датум „во зависност од пристапот на САД“.

Рубио, од своја страна, рече дека Иран треба да увезува збогатен ураниум за својата нуклеарна програма, наместо самиот да збогатува ураниум до повисоки нивоа. „Ако имате можност да збогатите до 3,67 проценти, потребни се само неколку недели за да стигнете до 20 проценти, потоа до 60 проценти, па до 80 проценти и 90 проценти, што е потребно за да се направи нуклеарно оружје“, нагласи тој.

Иран постојано изјавува дека има право да збогатува ураниум според условите на Договорот за неширење на нуклеарно оружје. Техеран ги негира обвинувањата дека сака да создаде нуклеарна бомба.

Рубио, исто така, рече дека Иран ќе мора да прифати дека Американците можат да учествуваат во кој било режим на инспекција и дека инспекторите ќе мора да имаат пристап до сите објекти, вклучително и воените. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата