Романскиот претседател Бологан ја прифати оставката на премиерот Марсел Чолаку

6.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Романскиот претседател Бологан ја прифати оставката на премиерот Марсел Чолаку

„Претседателот на Романија ја прифати оставката на премиерот на Романија, Марсел Чолаку. Привремениот премиер ќе биде назначен утре“, соопшти претседателската администрација по средбата меѓу Бологан и Чолаку, пренесе Аџерпрес.

Националниот политички совет на романските социјалисти (ПСД) синоќа одлучи партијата да ја напушти владејачката коалиција и Марсел Чолаку да поднесе оставка од функцијата премиер.

-Владејачката коалиција нема легитимитет, барем не во овој состав. Им предложив на моите колеги да ја напуштиме коалицијата, што води до моја оставка од функцијата премиер, која ја поднесувам до претседателот на земјата, рече Чолаку.

Чолаку претходно им изјави на новинарите дека ја разгледува можноста за оставка, со оглед на лошиот резултат што го постигна кандидатот на претседателските избори поддржан од владејачката коалиција, кој не влезе во вториот круг од изборите.

Опозицискиот ултрадесничар Ѓорѓе Симион и градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, ќе се борат на 18 мај во вториот круг од изборите за нов претседател на Романија, јавуваат романските медиуми, повикувајќи се на податоците на Централната изборна комисија.

По обработката на 99,99 проценти од гласачките ливчиња, Симион освои 40,94 проценти од гласовите, а Никушор Дан 20,99 проценти од гласовите, објави романскиот портал Digi24.

Кандидатот на владејачката коалиција, Крин Антонеску, доби 20,07 проценти од гласовите.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата