Растат тензиите- Индија целосно го забрани увозот од Пакистан

3.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Растат тензиите- Индија целосно го забрани увозот од Пакистан

Индија денеска објави дека забранила увоз на стоки со потекло од Пакистан или кои транзитираат низ него, како и дека го забранила увозот на пакистански пратки, во услови на зголемени тензии по смртоносниот напад врз туристи во спорниот регион Кашмир меѓу двата нуклеарно вооружени соседи.

Генералниот директорат за надворешна трговија на Индија официјално објави дека забраната ќе стапи на сила веднаш. „Наметнатото ограничување е во интерес на националната безбедност и јавниот ред“, се вели во соопштението.

Напад во Кашмир и меѓусебни обвинувања

Во напад минатата недела врз планинско туристичко одморалиште во Пахалгам во долината Кашмир, осомничени милитанти убија најмалку 26 лица. Хималајскиот регион, каде што мнозинството население е муслиманско, е предмет на побарувања и од Индија и од Пакистан, а претходно беше во фокусот на неколку војни, бунтови и дипломатски судири.

Индија го обвини Пакистан за вмешаност во нападот, што Исламабад го негира. Пакистан тврди дека има „веродостојни разузнавачки информации“ дека Индија има намера да започне воена акција.

Одмазднички мерки од двете страни

Одмаздничките мерки на Пакистан вклучуваат суспендирање на прекуграничната трговија, затворање на воздушниот простор за индиските превозници и протерување на индиски дипломати.

Меѓу другото, беше испратено предупредување дека секој обид за спречување на протокот на речната вода, што беше договорено во согласност со деценискиот договор, ќе се смета за воен чин.

Денеска Индија објави дека на бродовите под пакистанско знаме нема да им биде дозволено да влезат во кое било индиско пристаниште, а на бродовите под индиско знаме нема да им биде дозволено да влезат во кое било пристаниште во Пакистан.

„Оваа наредба е издадена за да се обезбеди безбедноста на индискиот имот, товар и инфраструктура, што е во јавен интерес и во интерес на индискиот превоз“, се вели во соопштението на Индискиот превознички орган.

Трговската размена меѓу двете земји значително се намали во последните години.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата