Прво учество на ЕУ на Самит на АСЕАН

26.10.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Прво учество на ЕУ на Самит на АСЕАН

Ова ќе биде прво учество на Европската Унија на еден Самит на АСЕАН, што, како што соопшти Европскиот совет, ја покажува растечката важност на соработката меѓу Унијата и оваа организација на земјите од регионот на Југоисточна Азија. 

Во пресрет на заминувањето за Куала Лумпур, Кошта порача дека неговото учество на овој Самит е важен сигнал за продлабочување на односите меѓу ЕУ и АСЕАН.  

- Тоа е признание за ЕУ како сигурен и предвидлив партнер за АСЕАН. Ние сме две регионални организации кои ги делат истите цели: градење мир, стабилност и просперитет преку соработка и интеграција, истакна Кошта. 

Според Европскиот совет, ЕУ и АСЕАН како партнери имаат заеднички интерес за подобрување на безбедноста, отворената трговија и поврзаноста. 

- Реафирмирањето на цврстата посветеност на Унијата кон ефективен мултилатерализам и кон меѓународен поредок базиран на правила, ќе биде клучна порака во обраќањата на претседателот Кошта, се додава во соопштението.  

Предвидено е на маргините на Самитот на АСЕАН, Кошта да има билатерални средби со повеќе лидери од регионот. 

Партнерството меѓу ЕУ и АСЕАН се интензивираше во последниве години, откако во 2020 година двете организации за интензивираа својата соработка станувајќи формални стратешки партнери и започнувајќи нова ера на поблиски политички и економски односи. Првиот Самит ЕУ- АСЕАН се одржа во Брисел на 14 декември 2022 година, на 45 годишнината од воспоставување на дипломатски односи меѓу двете организации.  

Кошта утре од Куала Лумпур ќе отпатува за Абу Даби, каде ќе се сретне со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан. 

Предвидено е Кошта и Ал Нахјан да разменат мислења за билатералните односи меѓу ЕУ и ОАЕ, како и за клучни меѓународни и регионални прашања.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата