„Шокиран сум од вестите од Појасот Газа. Цивилите гладуваат, болниците повторно беа погодени во воздушни напади. Насилството мора да престане“, напиша Кошта на социјалната мрежа X.
Тој додаде дека израелската Влада „мора веднаш да ја прекине блокадата и да обезбеди безбеден, брз и непречен пристап до хуманитарна помош“.
Израелските власти вчера објавија дека ја прошируваат својата офанзива за поразување на палестинското движење Хамас во Појасот Газа, и покрај зголемените меѓународни повици за прекин на огнот по 19 месеци разорна војна.
„Тоа што се случува во Газа е хуманитарна трагедија. Целата нација е изложена на огромна и непропорционална воена сила. Трајно прекинување на огнот и итно и безусловно ослободување на сите заложници се поитни од кога било“, рече Кошта.
Од Багдад, каде што учествува на самитот на Арапската лига, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека е „вознемирен од плановите на Израел за проширување на своите копнени операции“.
Гутереш повторно повика на траен прекин на огнот и прекин на израелската блокада на хуманитарна помош за Газа, воведена на 2 март./МИА