Премиерите на Русија и Кина одржаа неформална средба пред почетокот на редовниот Самит

3.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Премиерите на Русија и Кина одржаа неформална средба пред почетокот на редовниот Самит

Средбата се одржа во една од вилите на државната резиденција „Сиху“ („Западно Езеро“) на брегот на истоименото езеро, кое е вклучено во списокот на светско наследство на УНЕСКО.

Резиденцијата била сведок на низа важни историски настани, посочува ТАСС, додавајќи дека по упатство на претседателот Мао Це Тунг токму таму бил разработен проектот на првиот устав на Народна Република Кина (во 1954 година).

Во текот на средбата, рускиот премиер изјави дека односите меѓу Русија и Кина продолжуваат да се развиваат, и покрај западните санкции, и се на највисокото ниво во целата историја.

Мишустин истакна дека посебно внимание се посветува на проширувањето на инвестициската соработка. - На 1 декември влегува во сила меѓувладин договор за поттикнување и взаемна заштита на инвестициите, кој беше потпишан за време на руско-кинескиот самит на 8 мај во Москва. Тој ќе стимулира создавање нови заеднички претпријатија со учество на руски и кинески инвеститори врз основа на взаемна корист и земање предвид на интересите на другата страна, посочи рускиот премиер..

Тој истакна дека соработката во енергетскиот сектор добила стратешки карактер и ги опфаќа нафтената, гасната, јагленодобивната и атомската енергетика. Во индустријата се создаваат нови заеднички производствени капацитети и технолошки сојузи. Во областа на транспортот е зголемен обемот на превоз на стоки и се развива прекуграничната инфраструктура, се отвораат нови рути за воздушен транспорт. Соработката во земјоделството ја зајакнува продоволната безбедност на двете земји, истакна Мишустин.

Рускиот премиер изрази подготвеност на неговата земја да ги зголеми испораките на руски прехранбени производи, кои станале популарни меѓу жителите на Кина. - Стоковната размена на производите од агроиндустрискиот комплекс за девет месеци од тековната година е зголемена за 15%. Подготвени сме да ги зголемиме испораките на квалитетни руски прехранбени производи, познати на жителите на Кина благодарение на фестивалите-саеми 'Произведено во Русија', објави Мишустин.

Рускиот премиер изрази надеж дека обемот на туристичката размена меѓу Русија и Кина ќе порасне во споредба со 2024 година, поради укинувањето на кинеските визи за Русите. Москва, исто така, работи на укинување на визите за кинеските туристи, истакна Мишустин.

Премиерот на Русија ја нагласи повеќестраноста на развојот на односите меѓу Москва и Пекинг. - И покрај турбуленциите во глобалната политика и светската економија, соработката меѓу Русија и Кина се зајакнува. Започнуваме нови големи проекти. Меѓу нив се развој на нафтени и гасни наоѓалишта, производство на високотехнолошка опрема, соработка во областа на енергетиката, користење на атомската енергија за мирни цели, истражување на вселената и Месечината. Реализираме заеднички програми во авионското и автомобилското градежништво, развиваме транспортни коридори, работиме во екстремните услови на Арктикот, рече тој.

Од своја страна, Ли Чијанг нагласи дека Кина е подготвена да ја зајакне соработката со Русија со цел поефикасно да ги брани интересите на двете земји, вклучително и во областа на безбедноста.

Премиерите на Русија, Михаил Мишустин, и на Кина, Ли Чијанг, потпишаа заедничко коминике за резултатите од 30-тата редовна средба на владите на Русија и Кина, која се одржа во Хангџоу, пренесе ТАСС.

Во присуство на владините лидери беа потпишани уште осум документи, меѓу кои за соработка во областа на инвестициите, енергетиката, транспортот, земјоделството и средствата за масовна информација.

Исто така, Русија и Кина усвоија патна карта за соработка меѓу земјите во областа на сателитската навигација за периодот 2026-2030 година. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата