Според полицијата, несреќата се случила во понеделникот нешто по 17 часот.
Едномоторниот авион Екстра ЕА-400 полетал од аеродромот Самедан за Роскилде во Данска, се вели во соопштението во вторникот наутро. Две минути подоцна удрил во станбена населба во северната периферија на селото и целосно изгорел.
Данската адвокатска фирма Хортен во вторникот наутро потврди дека нејзиниот истакнат партнер Лајн Маркерт, нејзиниот сопруг Андреас Кристенсен, исто така водечки адвокат во фирмата, и нивниот син биле единствените патници во приватниот авион што се урнал.
"Длабоко сме трогнати и шокирани од оваа трагична несреќа. Лајн и Андреас беа важен дел од Хортен повеќе од 20 години. Ова е голема загуба за нас лично", пишува во соопштението на компанијата.
Швајцарскиот оддел за криминалистичка истрага ја истражува несреќата и во вторникот наутро соопшти дека жртвите се уште не се официјално идентификувани. Сепак, сѐ укажувало дека се работи за данското семејство. Зошто авионот се урнал веднаш по полетувањето, останува целосно нејасно. Сè уште не е познато кој управувал со авионот.
Неколку очевидци пријавиле силен тресок, проследен со чад. Авионот се урнал на околу 20 метри од станбената зграда. Спасувачите брзо стигнале на местото на несреќата, но секоја помош пристигнала предоцна за патниците.