Повеќе од 4.000 осудени лица во Холандија се на слобода бидејќи нема места во затворите

4.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Повеќе од 4.000 осудени лица во Холандија се на слобода бидејќи нема места во затворите

Државната секретарка за правда и безбедност, Ингрит Кунради, изјави дека сегашната ситуација е со „црн статус“, што значи дека во затворите во Холандија повеќе нема слободни места за прием на нови осуденици.

Како резултат на тоа, наведува „EenVandaag“, многу осуденици кои се уште се на слобода се вклучени во категоријата таканаречени „самопријавувачи“, односно оние кои се осудени на издржување затворска казна, но во моментов не можат да ја одлежат нивната казна.

Во 97 отсто од случаите станува збор за лица кои се осудени на затворски казни помали од една година. Меѓу нив, потсетува порталот, има и лица осудени за кривични дела во кои се загубени човечки животи, како оние во сообраќајни несреќи.

Сепак, во текот на минатата година само 32 лица од тој список доброволно се пријавиле на издржување на казната.

Доколку би се собрале сите казни на кои се осудени сите кои чекаат да одат во затвор, според „EenVandaag“, тоа би биле вкупно 587 години затвор./МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата