За време на телефонскиот разговор со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, Пезешкијан ја нагласил „неопходноста од воспоставување дипломатски процеси“, објави државната агенција ИРНА. Тој потенцираше дека Исламската Република никогаш не тежнеела кон војна и верува дека евентуален конфликт не би бил во интерес ниту на Иран, ниту на САД, ниту на регионот.
Високиот ирански функционер Али Лариџани, генерален секретар на Советот за национална безбедност, преку платформата Икс потврди дека се работи на рамка за преговори, спротивно на, како што вели, „вештачки создадениот медиумски наратив за војна“. ИРНА пренесува дека разговорите за нуклеарната програма се во почетна фаза и покрај воените закани.
Од друга страна, претседателот Трамп го зголеми притисокот врз Техеран со најава за испраќање дополнителни воени бродови. - Тие разговараат со нас, ќе видиме дали можеме да направиме нешто... Имаме голема флота која се упати кон таму, изјави Трамп за „Фокс Њуз“.
Фокусот на преговорите се очекува да биде насочен кон прекин на иранската нуклеарна програма и ограничување на балистичките ракети. Сепак, шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи порача дека одбранбената стратегија и ракетните системи никогаш нема да бидат предмет на преговори. Тој предупреди дека доколку дојде до конфликт, тој би можел да се прошири низ целиот регион.
Тензиите дополнително се заострени по нападите на американската војска врз нуклеарни објекти во Иран минатиот јуни, како поддршка на израелските напади. САД го зголемија своето воено присуство во регионот од почетокот на јануари, вклучително и со распоредувањето на носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“.

