Шведскиот дневен весник Aftonbladet откри пет клучни факти за ова злосторство, кои ги пренесуваме во целост:
1. Десет мртви во пукање низ училиштето
Во вторникот околу 12:30 часот се случи пукање во кампусот Рисбергска, училиште за образование на возрасни во Оребро. Според полициските извештаи, животот го загубиле околу 10 лица, а засега не е познат бројот на повредени. Регионот Оребро соопшти дека најмалку шест лица биле пренесени во болница на лекување.
2. Детали за осомничениот
Осомничен за престрелката е 35-годишен маж. Полицијата потврди дека осомничениот е меѓу починатите и дека не е познат по претходни криминални активности, ниту пак има врски со криминални банди. Полицијата верува дека тој дејствувал како поединец и не се сомнева дека има терористички мотив. Инцидентот се истражува како убиство, обид за убиство, подметнување пожар и тешко дело со оружје.
3. Мерки за згрижување на повредените и поддршка на семејствата
Болниците во Оребро и Карлскога ги реорганизираа службите за итна помош за лекување на повредените. На четири лица им е извршена операција, две се во стабилна состојба, додека едно лице е тешко, а две полесно повредено. Поставена е телефонска линија за роднините и се повикуваат граѓаните да се обратат во регионалниот центар за информации за своите најблиски.
4. Можно е напаѓачот да имал соучесник
Полицијата не ја исклучува можноста дека имало повеќе сторители. На прес-конференција е соопштено дека меѓу ранетите е и осомничениот, но подоцна било потврдено дека тој починал.
5. Изјава на премиерот – „Кошмар што никој не треба да го доживее“
Премиерот Улф Кристерсон даде изјава во врска со инцидентот околу 16 часот:
„Со тага добив информација за ужасниот чин на насилство во Оребро. Моите мисли се со погодените и нивните најблиски. Ова е многу болен ден за цела Шведска“.
Тој додаде дека ситуацијата кога учениците се заробени во училниците и се плашат за своите животи е „кошмар што никој не треба да го доживее“.
Владата во Стокхолм планира вечерва да одржи прес-конференција за да даде повеќе информации за инцидентот.