Пентагон му се закани на сенаторот Марк Кели со враќање во служба и судење за „поттикнување бунт“

25.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пентагон му се закани на сенаторот Марк Кели со враќање во служба и судење за „поттикнување бунт“

Кели, кој негира каква било злоупотреба и вели дека нема да подлегне на заканите, им се приклучи на петмина други демократи во Конгресот, кои служеле во вооружените сили или разузнавањето, во повик до американските војници да одбијат да извршуваат незаконски наредби.

Видео обраќањето на Кели од 18 ноември доаѓа во услови на засилена загриженост кај демократите, неформално споделена и од некои високи американски воени функционери, дека администрацијата на Доналд Трамп го крши законот со тоа што им наредува на американските војници да убиваат осомничени трговци со дрога при напади врз нивните пловни објекти во водите во близина на Латинска Америка. Пентагон, пак, тврди дека овие напади се оправдани бидејќи трговците со дрога се означени како терористи.

Во соопштението на Пентагон се наведува дека одделот истражува „сериозни наводи за недолично однесување“ против Кели. Иако не е прецизирано какви обвиненија би можеле да бидат покренати против Кели доколку се преземе ваква вонредна мерка, американскиот министер за одбрана, Пит Хегсет, објави коментар на „Икс“ во кој ги обвини Кели и другите законодавци за поттикнување бунт.

„Видеото, создадено од „шесте бунтовници“, е подло, непромислено и неточно“, напиша Хегсет во својата објава. „Поттикнувањето на нашите војници да ги игнорираат наредбите на нивните команданти го поткопува секој аспект на „добар ред и дисциплина““, додаде тој.

Портпаролката на Трамп, Каролин Левит, изјави дека Белата куќа ја поддржува истрагата на Пентагон против Кели.

Претседателот Доналд Трамп, исто така, ги обвини Кели и другите демократи за поттикнување бунт, наведувајќи во својата објава на социјалните медиуми дека ова кривично дело се казнува со смрт. Според воениот казнен кодекс на САД, поттикнувањето на бунт и метеж е меѓу најтешките кривични дела и може да биде казнето со смрт. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата