Палестинскиот министер за надворешни работи Варсен Агабекјан Шахин денеска изјави дека усвојувањето од страна на Советот за безбедност на ОН на резолуцијата со која се поддржува планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Појасот Газа е неопходен прв чекор на долгиот пат кон мир.
Советот за безбедност вчера усвои резолуција подготвена од САД, која исто така овластува распоредување на мултинационални безбедносни сили во Газа и наметнува меѓународен механизам за следење на територијата уништена од двегодишната војна меѓу Израел и радикалната палестинска група Хамас.
-Резолуцијата на ОН е првиот чекор на долгиот пат кон мир. Овој чекор беше неопходен бидејќи не можевме да направиме ништо друго додека не постигнеме прекин на огнот, изјави Шахин пред новинарите во Манила за време на посетата на Филипините.
Палестинскиот министер за надворешни работи додаде дека сè уште има други прашања што треба да се решат, вклучувајќи го „палестинското самоопределување и евентуалната палестинска независност“, и дека процесот на спроведување на планот на Трамп мора да биде воден од меѓународното право.
Тој рече дека иако планот на Трамп алудира на можна палестинска државност и само откако Палестинската самоуправа ќе спроведе реформи, тоа прашање би можело да се разгледа подоцна.
„Доколку овие точки се на место, ние сме задоволни од овој прв чекор“, рече Шахин.
Палестинската самоуправа со седиште во Рамала претходно во текот на денот ја поздрави резолуцијата и изјави дека е подготвена да учествува во планот на Трамп, кој не наведува јасна улога за Палестинската самоуправа и прави нејасни упатувања на државноста.
Европските и арапските држави изјавија дека Појасот Газа треба да биде управуван од Палестинската самоуправа и дека треба да има јасен пат кон палестинската независност. Израелската влада, која се спротивставува на идејата за независна палестинска држава, отфрла какво било вклучување на Палестинската самоуправа во управувањето со Газа.

