Мунир, кого критичарите го сметаат за тврдокорен кон Индија, се соочува со притисок дома откако Индија изврши ракетен напад, тврдејќи дека целта била „терористичка инфраструктура“, додека Исламабад соопшти дека во нападот загинале најмалку осум лица, вклучувајќи деца, објави Си-Ен-Ен.
Неговото назначување дојде во време на жестока дебата за влијанието на војската врз јавниот живот.
Каде е Кашмир и зошто е толку важен?
Моќната пакистанска војска честопати е обвинувана за мешање во политиката на земјата, која доживеа бројни воени удари и долгорочно владеење од страна на генералите откако стекна независност од Велика Британија во 1947 година.
„Мислам дека отсуството на каков било одговор од Пакистан би го поткопало кредибилитетот и влијанието на Мунир“, рече Малколм Дејвис, виш аналитичар во Австралискиот институт за стратешка политика.
„Од внатрешно-политички причини, како и од бирократските и внатрешните воени односи во рамките на пакистанската војска, верувам дека Мунир ќе игра клучна улога во одлучувањето како ќе одговори Пакистан.“
Воениот аналитичар на Си-Ен-Ен, Седрик Лејтон, рече дека Мунир продолжува со низата воени лидери кои „долго време се клучни носители на одлуки во пакистанската политика“.
Според него, Мунир го гледа конфликтот со Индија низ религиозна призма и ги гледа тензиите како прашање на национална чест.
Зад сето тоа стои националистичкото расположение на индиската влада, што дополнително придонесува за „рецептот за потенцијален конфликт“, рече пензионираниот полковник.
„Тој се соочува со многу силно индиско раководство кое гледа на сè од хиндуистичка националистичка перспектива“, заклучи Лејтон.