Нови мировни преговори помеѓу Тајланд и Камбоџа

24.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Нови мировни преговори помеѓу Тајланд и Камбоџа

Се очекуваше состанокот во тајландската покраина Чантабури да биде одложен откако Камбоџа побара промена на местото на одржување. Но, Владата на Камбоџа објави фотографија од двете делегации, наведувајќи оти разговорите почнале со цел „да се обезбеди прекин на непријателствата, враќање на стабилноста и олеснување на брзо враќање во нормалноста“.

Долготрајниот граничен конфликт помеѓу Тајланд и Камбоџа повторно се разгоре овој месец, кршејќи го го претходното примирје, при што загинаа повеќе од 40 лица и раселени се околу еден милион.

Разговорите треба да траат до сабота, а портпаролот на тајландското Министерство за одбрана, Сурасант Конгсири посочи дека Бангкок „вистински се надева дека состанокот ќе има позитивен исход“.

Според него, успех зависи од искреноста, зборовите и делата на Камбоџа. Бангкок претходно побара Пном Пен прво да прогласи прекин на огнот и да соработува во напорите за деминирање на границата.

Претходно, Министерството за внатрешни работи на Камбоџа соопшти дека „верува оти тајландската страна ќе покаже искреност во спроведувањето на прекинот на огнот“.

Тајланд и Камбоџа имаат територијален спор за демаркација на 800 километри долгата граница и неколку урнатини од древни храмови лоцирани на границата.

Бангкок и Пном Пен од 7 декември меѓусебно се обвинуваат за поттикнување на нови борби и напади врз цивили, откако десетици луѓе беа убиени во петдневниот конфликт во јули.

САД, Кина и Малезија посредуваа за склучување на примирје, што кратко траеше.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата