Ненадејно почина рускиот амбасадор во САД

11.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ненадејно почина рускиот амбасадор во САД

Дарчиев имаше 66 години, а функцијата амбасадор во Вашингтон ја извршуваше од март 2025 година.

Руското Министерство за надворешни работи ја потврди неговата смрт, но досега не ги објави причините или околностите. Дарчиев поголемиот дел од својата кариера го помина занимавајќи се со односите на Русија со САД и Канада.

Путин го назначи минатата година

Рускиот претседател Владимир Путин го назначи Дарчиев за амбасадор во САД на 6 март 2025 година, откако функцијата беше празна речиси пет месеци. Неговиот претходник, Анатолиј Антонов, го напушти Вашингтон во октомври 2024 година.

Дарчиев беше назначен во време на обиди за обновување на дипломатските контакти меѓу Москва и Вашингтон по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Американските власти претходно го одобрија неговото назначување за време на руско-американските разговори во Истанбул, на кои се разговараше за нормализација на работата на дипломатските мисии.

Кој беше Александар Дарчиев?

Дарчиев е роден на 14 мај 1960 година, а дипломирал историја на Московскиот државен универзитет во 1983 година. Тој бил докторант и истражувач во областа на американската политика, а работел во руската дипломатија од 1992 година.

Служел во руската амбасада во Вашингтон од 1997 до 2002 година и повторно од 2005 до 2010 година. Од 2014 до почетокот на 2021 година, бил руски амбасадор во Канада, а потоа директор на одделот на руското Министерство за надворешни работи задолжен за Северна Америка.

Зборувал англиски и француски јазик, а за време на неговата дипломатска кариера добил руски државни одликувања, вклучувајќи го Орденот за пријателство и Орденот за чест.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата