Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека очекува појасни детали во врска со можното повлекување во текот на следните неколку недели, пренесува Ројтерс.
Дискусијата се однесува на шестмесечна ревизија, иницирана во јуни од страна на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет. Во тоа време, Хегсет предупреди дека САД би можеле да задржат дел од своите придонеси кон НАТО, доколку сојузниците кои не инвестираат доволно во одбраната не ги исполнат своите обврски.
Иако Хегсет експлицитно не наведе дека ревизијата би можела да доведе до намалување на бројот од 80.000 американски војници кои моментално се стационирани во Европа, тој нагласи дека целта е да се поттикне поголем ангажман од европскиот континент, со што на американската војска би ѝ се овозможило да се фокусира на своите глобални обврски.
„Очекуваме промени во бројноста на војниците, но сè уште немаме ништо конкретно“, изјави Писториус пред состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел, на кој ќе присуствува и Колби за време на работниот ручек. Писториус додаде дека до промена во распоредувањето на конвенционалните сили ќе дојдеше без оглед на тоа кој е претседател на САД, бидејќи тоа е резултат на зголемениот фокус на Америка врз регионот на Индо-Пацификот. Во Германија се стационирани околу 35.000 американски војници – што претставува најголем контингент во Европа – а резултатите од извршената анализа се очекува да бидат претставени пред Божиќ.
Европски воени извори проценуваат дека Вашингтон би можел да премести една бригада – односно околу 5.000 војници – од Германија во Азија или поблиску до источното крило на НАТО, во Полска. Писториус нагласи дека целта на разговорите со Вашингтон е да се координираат дејствијата, со цел да се избегнат опасни празнини во европската одбрана што би можеле да настанат како последица на повлекувањето на американските сили.

