Бизарниот инцидент се случил во Нортамберленд, Англија, на почетокот на септември 2023 година, а неодамна доби судски епилог, објавува Oddity Central.
Што предизвика сомнеж?
Имено, во текот на вечерта, Џ. Б, се јавил во противпожарната служба и пријавил пожар во неговата куќа. Тој рече дека забележал „искри во електричните инсталации кои ја зафатиле ткаенината“.
Екипата брзо пристигнала на местото на настанот, го изгаснала малиот пламен и како мерка на претпазливост ја исклучила струјата во куќата.
Сепак, само 90 минути подоцна, младиот човек повторно се јавил во противпожарната служба дека се запалила куќата. Тој објасни дека пожарот избувнал на ист начин, што било сомнително, бидејќи струјата била исклучена претходно.
Исповед на суд
Џ. Б. ги снимал пожарникарите додека гаснеле пожар во куќата, воодушевен од нивното присуство. Кога била спроведена истрагата, било утврдено дека Џ. Б. се јавил во службата за итни случаи дури 80 пати за 12 месеци!
На крајот, се открило дека тој намерно го предизвикал пожарот, што го призна и на суд.
„Велите дека во идеален свет би биле пожарникар. Јасно е дека имате долгогодишен интерес за нивната служба. Тоа е очигледна опсесија“, рече судијата Роберт Адамс.
Побарал стручна помош
За време на изрекувањето на пресудата, судијата Адамс додаде:
„Вашиот интерес е повеќе насочен кон контактирање со противпожарната служба отколку кон самото палење на пожарот. Трошите ресурси што се потребни за сериозни ситуации каде што се загрозени човечки животи. Се надевам дека ја научивте лекцијата.“
Џ. Б. минатиот месец бил осуден на осум месеци затвор, условно на две години, со 150 часа општествено корисна работа.
Адвокатот на одбраната изјави дека „жали“ и бара стручна помош за да се справи со својата опсесија. Откако бил уапсен, тој не контактирал со противпожарната служба.