Началник на Генералштабот на Франција: Се подготвуваме за можна војна со Русија

11.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Началник на Генералштабот на Франција: Се подготвуваме за можна војна со Русија

Началникот на Генералштабот на француските вооружени сили, генерал Фабиен Мандон, денеска изјави дека е во тек подготовка на припадниците на вооружените сили на земјата за можна војна со Русија, за која претходно зборуваше и пред пратениците во францускиот Парламент, предупредувајќи дека војската мора да биде подготвена за можен судир со Русија во рок од три до четири години.

Мандон во интервју за „Квест Франс“ рече дека претседателот на Франција, Емануел Макрон, побарал од него да предложи опции за да се обезбеди континуирана заштита на францускиот народ и интересите на земјата.

- Ги споделив моите забелешки со народните претставници за да можеме да предвидиме (настани) и да донесеме исправни одлуки. Ја гледам еволуцијата на Русија – во 2008 година ја нападна Грузија, во 2014 година го анектираше Крим, во 2022 година тоа беше Украина. Русија ја смета Европа за слаба. Знам дека таа воено се реорганизира за да може да влезе во борба против земјите на НАТО. Мора да се подготвиме за тоа,  рече Мандон.

На прашањето кои докази го наведуваат на таков заклучок, Мандон одговори дека тоа е збир на различни траги и разузнавачки податоци.

- Оваа проценка ја споделуваат и нашите блиски сојузници. Шефот на германската разузнавачка служба неодамна зборуваше за тоа, перцепцијата на Германија е иста како и нашата, британската исто така. Претседателот на Здружениот Генералштаб на САД е исто така исклучително загрижен за Русија и нејзините сè поблиски врски со разни сили – Иран, Кина и Северна Кореја. Севернокорејците се борат против Украина на нашиот континент. Русија веќе го глобализира украинскиот судир, истакна Мандон.

Тој посочи дека француските сили, во подготовките за потенцијален судир со Русија, редовно учествуваат во големи вежби во услови на многу сериозни борби со противник кој има голема моќ, како што има Русија.

Мандон најави организирање на нова вежба следната година, под назив „Орион 2026“, во која ќе учествуваат вооружените сили на Франција, како и сојузничките држави.

Генералот наведе дека смета оти вклучувањето на целото француско општество е клучно за заштита од агресија на друга држава.

- Шок од оваа природа бара многу повеќе од само вооружените сили, бара поддршка од целата земја. Русија ги проучуваше нашите општества и знае дека нашата сила лежи во единството. Ако успее да нè фрагментира и подели, може да победи, оцени Мандон.

Како неколку примери на обиди за дестабилизација на француското општество тој ги наведе лажните ковчези кои во јуни беа поставени пред Ајфеловата кула, и свинските глави кои на почетокот на септември беа поставени пред повеќе џамии во Франција.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата