За време на разговорот, рускиот претседател го истакна развојот на соработката меѓу Москва и Њу Делхи во воено-техничката сфера и појавата на нови области на соработка поврзани со високите технологии, пренесуваат руските медиуми.
Путин, исто така, рече дека вчерашната неформална средба со индискиот премиер била пријателска и корисна, на која тој го информирал Моди за активностите на САД и Русија со цел да се постигне можно мирно решение меѓу Москва и Киев.
Тој, исто така, му се заблагодари на премиерот за неговите напори во унапредувањето на мировниот процес, соопштија руските медиуми.
Моди рече дека посетата на Путин е од историско значење.
„Вашата улога од 2000 година, во текот на последните две и пол децении, сведочи за вашето визионерско и силно лидерство и начинот на кој се развивале билатералните односи, тоа е добар пример за другите односи, како се развиваат односите меѓу Индија и Русија“, рече Моди.
Тој појасни дека Москва и Њу Делхи редовно разменуваат мислења за ситуацијата во Украина, што зборува за длабоката доверба меѓу земјите, а Индија поддржува брзо решавање на конфликтот.
Разговорите меѓу Путин и Моди ќе продолжат подоцна во проширен формат со учество на делегации.
Претходно беше објавено дека Моди и Путин ќе разговараат за соработка во политичката, трговско-економската, научно-технолошката, културно-хуманитарната сфера, како и за меѓународни и регионални прашања.
По средбата, Путин и Моди ќе дадат изјави за медиумите и ќе потпишат неколку документи, а ќе се обратат и на пленарната сесија на Бизнис форумот Русија-Индија.

