Милитанти ја презедоа одговорноста за убиството на 26 луѓе во Кашмир: Не убивавме туристи

23.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Милитанти ја презедоа одговорноста за убиството на 26 луѓе во Кашмир: Не убивавме туристи

Малку позната милитантна група, Кашмирски отпор, ја презеде одговорноста за нападот, велејќи дека жртвите не биле туристи, туку тајни агенти, дознава Ројтерс.

Нападот се случи вчера во областа Пахалгам на Хималаите, при што загинаа 25 Индијци и еден непалски државјанин. „Малку позната милитантна група „Кашмирски отпор“ ја презеде одговорноста за нападот на социјалните мрежи“, соопшти полицијата.

Во соопштението на милитантната група се изразува незадоволство од фактот што повеќе од 85.000 „странци“ се преселени во регионот.

Агенти на индиските безбедносни служби

Милитантите објавија дека жртвите не се туристи, туку агенти на индиските безбедносни служби. „Ова не беше типична туристичка група, туку тајна агенција задолжена за истрагата“, се наведува во пораката.

Во пораката, исто така, се додава дека нападот „треба да послужи како повик за будење не само за Делхи, туку и за оние кои ги поддржуваат сомнителните стратегии на Делхи“. Од друга страна, индиските безбедносни служби тврдат дека „Отпорот на Кашмир“ е фронт за пакистанските милитантни организации како Лашкар-е-Таиба и Хезбул Муџахедин.

Пакистан соопшти дека им дава само морална и дипломатска поддршка на бунтовниците во Кашмир. „Загрижени сме поради смртта на туристите. Изразуваме сочувство до семејствата на загинатите и посакуваме брзо закрепнување на повредените“, изјави Шафкат Али Кан, портпарол на пакистанското Министерство за надворешни работи.

Да потсетиме, во планинскиот туристички град Пахалгам, вооружени напаѓачи отворија оган врз туристите. Трагедијата се случила во туристичка зона која интензивно се развива во последните години поради слабеењето на вооружениот конфликт во регионот. Според членовите на безбедносните служби, во нападот учествувале двајца или тројца милитанти.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата