Мерц во вторник ќе разговара со Ал-Шара за политичката транзиција во Сирија и враќањето на мигрантите од Германија

16.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мерц во вторник ќе разговара со Ал-Шара за политичката транзиција во Сирија и враќањето на мигрантите од Германија

За време на претстојните разговори со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе ги иницира темите за политичката транзиција во Сирија и враќањето на мигрантите во нивната татковина, изјави денеска портпаролот на германската влада.

„Имаме интерес за продлабочување на односите и да тргнеме во нов почеток со сириската влада. Постојат многу важни прашања со кои треба да се справиме, а еден пример е враќањето на Сиријците во нивната татковина“, рече портпаролот, објавија британските медиуми.

Мерц и Ал-Шара треба да се сретнат во вторник во Берлин.

Британските медиуми потсетуваат дека конзервативната претходничка на Мерц, Ангела Меркел, пред 10 години водеше „политика на отворени врати кон бегалците“, според која речиси еден милион мигранти беа примени во Германија, вклучувајќи многу Сиријци, кои бегаа од граѓанската војна.

Оттогаш во Германија расте поддршката за крајната десница, а конзервативната партија ЦДУ под водство на Мерц зазеде многу построг курс во врска со безбедноста на границите и миграцијата ветувајќи дека ќе ги забрза депортациите на одбиените баратели на азил.

Стотици илјади Сиријци во Германија сè уште имаат само привремени дозволи за престој.

Ова треба да биде прва посета на ал-Шара на Германија откако тој и неговите исламистички борци го соборија поранешниот претседател Башар ал-Асад во декември 2024 година.

Сирискиот претседател направи серија патувања во странство бидејќи неговата преодна влада се обидува да ги обнови врските на Сирија со земјите што го избегнуваа Дамаск за време на владеењето на Асад.

Меѓутоа, напорите на Сирија за обнова на земјата по разорната граѓанска војна беа засенети од неодамнешното насилство во Алепо, што се случи откога курдските сили се спротивставија на напорите на исламистичката влада да ги доведе своите борци под централизирана власт.

Портпаролот на германската влада рече дека Берлин ќе се справи и со ова прашање за време на разговорите со сириската страна.

„Клучното прашање останува како ќе се обликува политичката транзиција за да може сите општествени групи да живеат безбедно и да учествуваат еднакво и во политичкиот и во општествениот живот“, рече тој додавајќи дека ова ќе биде една од главните теми што ќе се дискутираат со сириската влада.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата