„Претседателот Путин е на страната на војната, а не на страната на мирот и оние кои веруваа дека тој има желба за мир се лажеа себеси“, рече Макрон на прес-конференцијата што ја одржа со полскиот премиер Доналд Туск во Нанси, објави „Економик Тајмс“.
Emmanuel Macron says Vladimir Putin 'on the side of war, not peace'https://t.co/CH8Pv5DD0x
— Economic Times (@EconomicTimes) May 9, 2025
Туск и Макрон денес потпишаа договор за пријателство и зајакната соработка, а францускиот претседател го опиша „француско-полското пријателство“ како „срдечен сојуз“. Сличен договор веќе е потпишан меѓу Франција и Германија, Италија и Шпанија.
Францускиот претседател повтори дека „виталните интереси“ на Франција, врз основа на нејзината стратегија за нуклеарно одвраќање, се поврзани и со интересите на нејзините „главни партнери“ во Европа.
„Од 1960-тите, со изјавите на генералот (Шарл) де Гол, европската димензија на оваа стратегија за одвраќање е потврдена и постојано ја потврдуваат сите мои претходници, а и јас самиот го правев тоа“, потсети Макрон.
Тој рече дека ќе отпатува во Украина „во соодветно време“, но не прецизираше дали ќе биде присутен на самитот на европските лидери што се одржува овој викенд, објави BFM TV.
„Во соодветен момент, ќе одам таму (во Украина). Од многу разбирливи причини, ова ретко се дискутира однапред“, рече Макрон.
Неколку часа претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека самит на европските лидери ќе се одржи во Украина овој викенд.
Овој состанок ќе ја собере „коалицијата на добронамерните“, составена главно од европски земји, и има за цел да му обезбеди воена помош на Киев, како и да постави рамка за воспоставување траен мир во Украина.
Самитот на европските лидери во Украина следува по повикот на американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот за „безусловен 30-дневен прекин на огнот“ во Украина, што треба да доведе до „траен мир“. Макрон ја поздрави оваа изјава и изрази желба да „дејствува во оваа насока без измама и без одложување“.