Ливит: Иран ќе биде „многу мудар“ доколку склучи договор со САД

19.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ливит: Иран ќе биде „многу мудар“ доколку склучи договор со САД

На прашањето за можна воена акција, портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, рече дека има „многу причини и аргументи“ што би можеле да се изнесат за напад врз Иран.

„Претседателот отсекогаш бил многу јасен во однос на Иран или која било земја во светот, дипломатијата е секогаш негова прва опција, а Иран би бил многу мудар доколку склучи договор со претседателот Трамп“, рече Ливит.

Во вторникот во Женева се оддржа вториот круг од разговорите меѓу САД и Иран. По состанокот, Техеран ги намали очекувањата за брз пробив, иако шефот на дипломатијата, Абас Арагчи, рече дека патот кон договор е започнат, потсетува ДПА.

Неименуван американски функционер оцени дека е постигнат напредок, иако многу детали остануваат нерешени. Се очекува иранската страна да се врати во рок од две недели со детални предлози насочени кон намалување на разликите меѓу двете страни, изјави висок функционер на администрацијата.

Најновите дискусии се фокусирани првенствено на иранската нуклеарна програма, бидејќи Вашингтон со години се обидува да го спречи Техеран да се здобие со нуклеарно оружје.

Иран, кој негира дека се обидува да се стекне со такво оружје, сигнализираше дека е подготвен да ја ограничи својата цивилна нуклеарна програма во замена за укинување на острите економски санкции од страна на САД. Меѓутоа, Техеран ги отфрли преговорите за други прашања, како што е намалувањето на својата ракетна програма.

Разговорите доаѓаат во услови на ескалација на тензиите меѓу Вашингтон и Техеран, откако иранските безбедносни сили брутално го задушија бранот протести во јануари, при што илјадници лица беа пријавени како убиени. Во одговор на тоа Трамп му се закани на иранското раководство со воена интервенција и испрати огромна воени армада во регионот на Блискиот Исток, вклучувајќи два носачи на авиони, потсетува ДПА.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата