Во соопштението се наведува дека тоа било најинтензивно израелско бомбардирање на Либан од почетокот на војната.
Израелската армија соопшти дека го извршила „најголемиот координиран напад“ врз Хезболах од почетокот на март. За десет минути биле погодени над 100 мети на Хезболах во Бејрут, во јужен Либан и во источната долина Бека.
Армијата на Израел тврди дека цел на нападите биле ракетните системи, командните центри и разузнавачката инфраструктура и го обвини Хезболах дека се крие зад цивилите.
- Државата Либан и нејзините цивили мора да се спротивстават на зацврстувањето на Хезболах во цивилните области, се наведува во соопштението на израелската армија.
Нападите уследија само неколку часа по постигнатото двонеделно примирје помеѓу САД и Иран. Израел тврди дека договорот не се однесува на војната со Хезболах, иако Пакистан претходно соопшти дека примирјето треба да важи и за Израел и либанската милитантна група.

