Според весникот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, сè повеќе ја концентрира моќта во своите раце, потиснувајќи ја дипломатската служба што ја предводи шефицата на европската дипломатија, Естонката Каја Калас.
„Урсула фон дер Лајен концентрира сè повеќе моќ на штета на дипломатската служба која сега делува изолирано“, наведува францускиот весник, укажувајќи дека внатрешните односи меѓу двете функционерки се развиваат во насока на сериозен судир.
Од стапувањето на должност кон крајот на 2024 година, Каја Калас настојува да се избори за поголемо влијание и да излезе од сенката на Фон дер Лајен, која, како што се истакнува, самостојно презема иницијатива во клучните дипломатски и безбедносни прашања. „Ле Монд“ оценува дека натпреварот за контрола на европската дипломатија во рамките на Комисијата е „достоен за Игра на престоли“.
Фон дер Лајен неодамна изјави дека Украина ризикува следната година да се најде во „економска блокада“ поради растечките трошоци за продолжување на вооружениот судир, што само дополнително го зајакна впечатокот дека претседателката на Комисијата го задржува главниот збор во европските надворешно-политички одлуки.
Судирот на надлежности и влијание меѓу Фон дер Лајен и Калас, како што пишува весникот, станува едно од клучните прашања на внатрешното функционирање на ЕУ, во моментот кога европската дипломатија е соочена со големи предизвици – од украинската криза до растечките глобални тензии.

