Ланге: Трговскиот договор ЕУ-САД на „стендбај“ додека траат американските закани кон Гренланд

21.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ланге: Трговскиот договор ЕУ-САД на „стендбај“ додека траат американските закани кон Гренланд

- Со оглед на постојаните и растечките закани, вклучително и со царини, кон Гренланд, Данска и нивните европски сојузници, немаме друга алтернатива освен да ја суспендираме работата на законските предлози за договорот од Трнбери, сè додека САД не одлучат да се вратат на патот на соработка, а не на конфронтација, изјави претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на ЕП и постојан известувач за САД, Бернд Ланге.

Тој нагласи дека Европскиот парламент работеше напорно за утврдување на својата позиција за законските предлози поврзани со договорот меѓу Унијата и САД и за што поскоро отпочнување на преговорите со Советот на ЕУ за нивно усвојување, но таа постапка сега е запрена поаѓајќи од непоколебливата посветеност на ЕП на суверенитетот и територијалниот интегритет на Данска и Гренланд.

Ланге потсети дека со договорот од Трнбери се суспендираат царините за увоз на сите американски индустриски стоки во ЕУ и се воспоставува систем на царински квоти за голем број земјоделско-прехранбени производи по потекло од САД.

- Сепак, со загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на земјите членки на ЕУ и користење на царините како инструмент за принуда, САД ја поткопуваат стабилноста и предвидливоста на трговските односи со ЕУ, изјави Ланге по состанокот на известувачите на различните пратенички групи за Трговскиот договор.

Во јули 2025 година, ЕУ и САД во Трнбери постигнаа политички договор за царински и трговски прашања, кој беше детално опишан во Заедничка изјава од август 2025 година, кога беше објавен и Рамковниот договор ЕУ-САД. Комисијата потоа предложи два законски предлози поврзани со спроведување на одредени царински аспекти од Рамковниот договор ЕУ-САД, чие усвојување сега е стопирано. 

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата