Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, денеска изјави дека мировните преговори меѓу Авганистан и Пакистан напредуваат, по извештаите дека претставниците на двете земји се состануваат со кинеско посредништво за да се обидат да го прекинат тоа што се оценува како најлошите судири од враќањето на талибанците на власт во 2021 година.
„И Пакистан и Авганистан придаваат важност и го поздравуваат посредништвото на Кина и се подготвени повторно да седнат на преговарачка маса, што е позитивен развој“, рече Мао на прес-конференција, објавија британските медиуми.
Таа не прецизираше каде се одржуваат разговорите, иако двете земји претходно посочија дека разговорите би можеле да се одржат во северозападниот кинески град Урумчи.
Кина, која граничи со двете земји, се обидува да посредува меѓу поранешните сојузници, кои влегоа во сериозен спор во последните години.
Официјален Пекинг во март организираше телефонски разговори со шефовите на дипломатиите на двете земји и испрати специјален претставник за дипломатски посети во регионот.
Според кинеското Министерство, Пекинг е во постојана комуникација со двете страни со цел да се создадат услови за преговори и да се обезбеди платформа за дијалог, додека дополнителни информации за разговорите на трите земји ќе бидат објавени подоцна.
Судирите меѓу Пакистан и Авганистан, кои започнаа во октомври, одзедоа бројни животи од двете страни на границата, а најтешко погодени се авганистанските цивили.
Исламабад ги обвинува авганистанските талибанци дека им даваат засолниште на исламистичките милитанти кои вршат напади во Пакистан, додека Кабул ги отфрла обвинувањата и вели дека тоа е внатрешен безбедносен проблем за Пакистан.

