Оваа изјава ја даде портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Гуо Џиакун како одговор на повикувањето на кинескиот амбасадор од страна на украинското МНР, пишува Укринформ, повикувајќи се на Глобал Тајмс.
„Веќе јасно ја кажавме позицијата на Кина за релевантните прашања. Кина цврсто се противи на неоснованите обвинувања и политичките манипулации“, рече портпаролот.
„Кинеските компании произведуваат оружје на руска територија“
Како што објави Укринформ, на 22 април, кинескиот амбасадор Ма Шенгкун беше повикан во украинското Министерство за надворешни работи поради наводи дека кинески државјани учествувале во борбите на страната на Русија и дека кинеските компании произведуваат оружје на руска територија.
Заменик министерот за надворешни работи Јевхен Перебинис за време на средбата истакна дека доказите за учеството на кинеските граѓани во војната против Украина, како и вмешаноста на кинески компании во военото производство во Русија, предизвикуваат сериозна загриженост и се во спротивност со духот на партнерството меѓу Украина и Кина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно на 7 април изјави дека Украина добила информации дека Кина и доставува оружје на Русија - конкретно барут и артилерија. Кина на 18 април одговори дека не испорачала смртоносно оружје на ниту една страна во војната.
Кинеското Министерство за надворешни работи уште еднаш ги отфрли сите обвинувања, нагласувајќи дека тие се политички мотивирани и неосновани.