Хамас соопшти дека во Доха во тек се нови преговори со Израел

17.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Хамас соопшти дека во Доха во тек се нови преговори со Израел

- Оваа рунда преговори почна без никакви предуслови од ниту една страна, а преговорите се отворени за сите прашања, рече функционерот на Хамас, Тахер ел Нуну.

Тој додаде дека Хамас ќе ги изнесе своите ставови за сите прашања, особено за завршувањето на војната, израелското повлекување од Појасот Газа и размената на затвореници, алудирајќи на израелските заложници кои ги држи Хамас и палестинските затвореници кои ги држи Израел.

По двомесечното примирје кое овозможи таква размена на почетокот на годината, Израел на 18 март ја продолжи офанзивата против Хамас, со цел да го „порази“ палестинското движење и да го принуди да ги ослободи сите заложници киднапирани за време на терористичкиот напад на израелска територија на 7 октомври 2023 година.

Страните меѓусебно се обвинуваат за блокирање на преговорите.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно оваа недела рече дека испраќа делегација во Доха на преговори, а израелската војска соопшти дека ја проширила офанзивата во Појасот Газа.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац рече дека интензивираната воена кампања во Газа го принудила Хамас да се врати на преговарачка маса.

- Со започнувањето на операцијата „Кочиите на Гидеон“ во Газа, која се спроведува со голема сила, делегацијата на Хамас во Доха објави дека ги продолжува преговорите за договор за заложници, спротивно на досегашниот тврдоглав став, рече Кац./МИА

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата