Ќе биде многу лошо за иднината на НАТО ако не ни помогне околу Ормускиот проток, рече Трамп

16.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ќе биде многу лошо за иднината на НАТО ако не ни помогне околу Ормускиот проток, рече Трамп

Трамп предупреди дека Вашингтон нема да заборави која земја одбила да помогне, потенцирајќи дека од сојузниците очекува минимален придонес во одржување на безбедноста и непреченото движење низ клучниот поморски коридор. Нагласи дека поддршката од европските сојузици ја очекува пред се, бидејќи САД своевремено помогнале за војната во Украина. 

-Ние сме секогаш тука за НАТО. Ние им помагаме со Украина иако има океан меѓу нас. Тоа не нè засега нас, но им помагаме на нив. Би било интересно да се види која земја не би ни помогнала со многу мал потфат, а тоа е само да се одржи теснецот отворен. / Без разлика дали ќе добиеме поддршка или не, можам да го кажам ова, а им го кажав и на нив: Ние ќе запамтиме,- - Доналд Трамп – Претседател на САД.

Пораките на Трамп за НАТО добија експресен одговор од дел од земјите членки на Алијансата, кои порачаа дека не гледаат улога на сојузот во решавање на ситуацијата со Ормускиот теснец.

-Не гледам како НАТО би донел каква било одлука во таа насока, ниту дека би можел да преземе одговорност за Ормускиот теснец. / Сакаме најпрво од Израел и САД да знаеме кога имаат намера да ги постигнат нивните воени цели во Иран,- - Јохан Вадефул – Министер за надворешни работи на Германија.

НАТО е вообичаено тука кога некоја од членките е нападната. Сакам да ги потсетам сите дека никој од нас не е директно нападнат.  Уцена не е нешто што го посакувам,- - Гзавие Бетел – Министер за надворешни работи на Луксембург.

Блокадата е главна тема на Советот за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел, а шефицата на европската дипломатија Калас откри дека разговарала и со генералниот секретар на ООН Гутереш во обид да се изнајде некакво решение по примерот со Украина.

-Имав разговори со (Генералниот секеретар на ООН) Антонио Гутереш за тоа дали е возможно да се има истата и иницијатива како таа за Црното море за пренос на житото од Украина бидејќи затворањето на Ормускиот теснец многу опасно за снабдувањето со нафта и енергија,- - Каја Калас – Висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.

Повик за деескалација упати и британскиот премиер Стармер. Сепак, тој одби конкретно да одговори дали неговата земја би се одѕвала на повиците на Трамп за воено учество на блискиот исток.

-Потребно е да продолжиме да работиме за деескалација. На крајот како и да е заврши (војната) ќе мора да има некаков вид на договорено решение,- - Кир Стармер – Премиер на Британија.

Трамп претходно ја повика Кина да помогне во отворање на теснецот, но и покрај заканите дека ќе ја откаже офијалната посета на земјата, властите во Пекинг повикаа само на смирување на тензиите. До сега, Франција и Јапонија ги одбија неговите повици, а Јужна Кореја се уште нема донесено одлука. Во меѓувреме, војната која навлезе во третата недела повторно ги крена цените на нафтата на светските берзи.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата