Калас: Нема долготраен и праведен мир во Украина без учество на Украинците и Европејците

20.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Калас: Нема долготраен и праведен мир во Украина без учество на Украинците и Европејците

Ние поддржуваме долготраен и праведен мир во Украина и ги поздравуваме сите напори за остварување на таа цел, но многу е јасно дека за да се постигне тоа потребно е учество и на Украинците и на Европејци, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пред почетокот на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Брисел. 

- Мора да сфатиме дека во оваа војна има еден агресор и една жртва, а досега не сме слушнале за никакви отстапки од руска страна. Ако Русија навистина сакаше мир, можеше да се согласи на безусловно примирје уште пред некое време, додаде Калас. 

Наместо тоа, според неа, руските сили продолжуваат со напади врз Украина, при што 93 отсто од нивните цели е цивилна инфраструктура, како училишта, болници и станбени згради, при што гинат многу луѓе и се предизвикува страдање. 

Калас најави дека поради ова, Советот денеска ќе разговара за „многу добар план“ за мерки против т.н. флота во сенка, за да се ограничат приходите на Русија за финансирање на војната. Запрашана дали европски претставници биле вклучени во изработката на мировниот план подготвен од страна на САД и Русија, Калас кусо одговори: „Не, колку што ми е познато“. 

Високата претставничка на ЕУ додаде дека министрите на состанокот ќе расправаат и за Блискиот Исток, во светло на усвоената нова Резолуцијата на ОН, при што ќе се осврнат на промена на мандатот на двете мисии на Унијата во Газа.  

Калас додаде дека ЕУ планира да спроведе обука на 3.000 палестински полицајци, кои ќе бидат ангажирани за контрола на границата и ќе ги извршуваат сите оние активности што ги врши полицијата на една земја. 

- Ние го поддржуваме мировното решението со две држави, што значи дека Палестинците мора да бидат оние кои ги водат и ги спроведуваат процесите што се одвиваат во Палестина и во тоа можеме да им помогнеме со градење на доверба и со обуката на полицајците, рече Калас. 

Сепак, за да се оствари сето ова, според неа, потребни се и дополнителни ресурси, па затоа денеска ќе се одржи и состанок и на Палестинската донаторска група, на кој ќе се разговара со палестинските власти за спроведувањето на неопходните реформи и за поддршката што им е потребна. 

Таа додаде дека во моментов приоритет е одржување на кревкиот прекин на огнот и обезбедување на ресурси, но дека дел од напорите за постигнување траен мир во регионот треба да биде и одговорност за сите извршени злосторства. 

- Потоа ќе имаме сеопфатна дискусија за планот за Сахел. Имаме нова стратегија и ни треба мандат за да продолжиме да се ангажираме со земјите во Сахел. Конечно, ќе имаме дискусија и за Судан. Како што знаете, сега првпат воведуваме санкции кон Суданци, за да извршиме притисок врз оние кои се одговорни за злосторствата во Судан, додаде Калас.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата