Собранието на префектурата Ниигата денеска му изгласа доверба на гувернерот Хидеи Ханазуми, кој минатиот месец го поддржа рестартирањето на најголемата нуклеарна централа во светот - Кашивазаки-Карива, што овозможи повторно да почне со работа централата, која е затворена од 2011 година, објавија британските медиуми.
Пред гласањето, околу 300 демонстранти, претежно постари лица, протестираа пред собранието на префектурата Ниигата носејќи транспаренти на кои пишуваше „Не за нуклеарно оружје“ и „Се спротивставуваме на рестартирањето на Кашивазаки-Карива“.
Кашивазаки-Карива се наоѓа на околу 220 километри северозападно од Токио и беше меѓу 54-те реактори затворени откако земјотресот и цунамито во 2011 година ја оштетија централата Фукушима Даичи. Оттогаш, Јапонија рестартираше 14 од 33-те реактори кои сè уште работат, додека се обидува да го намали увозот на фосилни горива.
Кашивазаки-Карива ќе биде првата нуклеарна централа што ќе се рестартира, управувана од Токиската електроенергетска компанија (ТЕПКО), која управуваше со нуклеарната централа Фукушима.
ТЕПКО размислува за повторно активирање на првиот од седумте реактори на централата на 20 јануари, објави јапонскиот јавен радиодифузер НХК.
