Израелскиот претседател повика на глобална кампања против антисемитизмот

21.12.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Израелскиот претседател повика на глобална кампања против антисемитизмот

- Порастот на омразата кон Евреите ширум светот е глобална вонредна состојба, рече Херцог на настан во Ерусалим во чест на загинатите во Австралија.

Двајца напаѓачи, татко и син, смртно застрелаа и ранија луѓе на познатата плажа за време на настан по повод празникот Ханука. Таткото беше застрелан од полицијата, а синот е пренесен во болница со прострелни рани опасни по живот.

На комеморативниот настан одржан во Сиднеј присуствуваше австралискиот премиер Ентони Албанезе. За време на неговиот говор, имаше пренос во живо од собирот во Сиднеј, пренесе ДПА.

Херцог ги повика сите да се приклучат во борбата против антисемитизмот.

- Ова е итен повик за акција за да се спречи следната катастрофа. Нема да го дозволиме тоа, рече тој.

Херцог додаде дека борбата против антисемитизмот бара земјите да преземат „многу силни и остри мерки“, како и да покажат „силно лидерство“.

- Сакам да им порачам на Евреите во Австралија: народот на Израел е со вас, рече Херцог, додавајќи дека се надева оти во скоро време ќе ја посети еврејската заедница во Австралија.

- И покрај тоа што сме илјадници милји оддалечени, ја чувствуваме вашата болка, ја гледаме вашата храброст под оган, го споделуваме вашето чувство на напуштеност, шок и ужас, нагласи тој.

Пред обраќањето на Херцог беше одржано едноминутно молчење, по што тој запали свеќа.

- Нема да дозволиме омразата да нè скрши, рече Херцог. „Нема да дозволиме теророт да ја намали нашата светлина, нашето единство, нашата припадност, нашата заедничка одговорност, нашата вечност. Заедно ќе ја победиме оваа темнина“, изјави тој.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата