Канцеларијата на десничарскиот министер за финансии Безалел Смотрич соопшти дека донесените одлуки ќе им олеснат на еврејските доселеници да ги принудат Палестинците да се откажат од земјата, додавајќи дека „ќе продолжат да ја погребуваат идејата за палестинска држава“.
Јонатан Мизрахи, истражувач на израелската организација „Мир сега“, која се противи на изградбата на населби, ја оцени одлуката како „многу значајна“. Тој наведе дека за нејзино стапување во сила сепак е потребна согласност од највисокиот израелски воен командант за Западниот Брег.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја оцени одлуката како опасна и „отворен обид на Израел да го легализира проширувањето на населбите“ и одземањето на земјиштето. Тој ги повика САД и Советот за безбедност на Обединетите нации веднаш да интервенираат.
Одлуката ја осуди и јорданското Министерство за надворешни работи, наведувајќи дека е насочена кон „наметнување незаконски израелски суверенитет“ и дополнително зацврстување на населбите.
Меѓу усвоените мерки се укинување на забраната за продажба на земјиште на Западниот Брег на израелските Евреи, отстранување на ознаката за доверливост од земјишните регистри на Западниот Брег за олеснување на купувањето земја, пренос на надлежностите за урбанистичко планирање на верски и други чувствителни локации во градот Хеброн на израелските власти, како и овозможување на израелско спроведување на прописите во областа на заштитата на животната средина и археологијата во подрачјата под палестинска управа.
Мерките исто така предвидуваат повторно активирање на одбор кој би и овозможил на државата Израел „проактивно“ да откупува земјиште на таа територија – што се опишува како чекор чија цел е обезбедување земјишни резерви за населбите „за генерациите што доаѓаат“.
Организацијата „Мир сега“ во објаснувањето објавено доцна синоќа наведе дека одлуката е насочена кон „пробивање на секоја можна пречка кон масовно присвојување на земјиштето на Западниот Брег“. Посебно е истакнато дека израелските власти ќе имаат можност да рушат објекти во подрачјата под палестинска контрола доколку проценат дека тие го загрозуваат културното наследство или животната средина.
На Палестинците не им е дозволено приватно да продаваат земја на Израелци. Доселениците можат да купуваат домови само на земја под контрола на израелската влада.
Повеќе од 700.000 еврејски доселеници живеат меѓу речиси три милиони Палестинци на окупираниот Западен Брег и во Источен Ерусалим – територии кои Израел ги окупираше во 1967 година, а кои Палестинците ги сакаат за својата идна држава. Меѓународната заедница ја смета изградбата на израелските населби на овие подрачја за нелегална и пречка за мирот.

