Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави дека Израел официјално ја признава Република Сомалиленд, а неговиот кабинет објави дека Нетанјаху и претседателот на Сомалиленд потпишаа заедничка декларација.
Шефовите на дипломатиите на Сомалија, Египет, Турција и Џибути го осудија признавањето на Сомалиленд, соопштија египетски претставници.
И палестинското милитантно движење Хамас денеска ја осуди одлуката на Израел да ја признае Сомалиленд, нарекувајќи ја „опасен преседан“ и предупреди дека регионот, кој еднострано прогласи независност од Сомалија, може да се искористи за присилна депортација на Палестинците од Појасот Газа.
Хамас, пренесува Ал Џезира, соопшти дека признавањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја одразува длабоката криза и изолација на Израел поради насилството што го спроведува врз палестинскиот народ во Газа.
Движењето истакна дека израелските политики се насочени кон „распарчување на арапските држави, нарушување на нивната стабилност и мешање во внатрешните работи“, во служба на „ционистичкиот колонијален проект“.
Хамас, исто така, ги пофали реакциите на арапските и исламските држави кои ја осудија одлуката на Израел како кршење на меѓународното право и кршење на суверенитетот на Сомалија.
Во исто време, Министерството за надворешни работи на Палестинската самоуправа предупреди дека Израел има намера да го користи Сомалиленд како можна дестинација за присилна депортација на Палестинците од Газа, оценувајќи го потегот како директна закана за регионалната и арапската безбедност и обид за дестабилизација на арапските и африканските држави.
Екстремистичката група Ал Шабаб, поврзана со Ал Каеда, во Сомалија денеска изјави дека ќе се бори против секој обид на Израел да „присвои или користи делови од Сомалиленд“ откако територијата беше признаена од Израел.
„Ние нема да прифатиме и ќе се бориме против тоа“, се наведува во соопштението на Ал Шабаб, пренесено од „Тајмс оф Израел“.
Групата оцени дека признавањето на Сомалиленд како суверена држава покажува дека Израел „одлучил да се прошири во делови од сомалиските територии“ со цел да го поддржи она што го тврдат како „отпадничка администрација во северозападните региони“.

