Целосната листа на услови сè уште не е објавена.
„Техеран му пренесе на Вашингтон седум услови за почеток на какви било преговори. Пораката на Техеран е јасна и недвосмислена: доколку Вашингтон сака да излезе од ќорсокакот што самиот го создаде и да избегне уште подлабоко да заглави во него, нема друг избор освен да ги прифати правата и условите на Иран“, напиша Резаеи на платформата „Икс“ (X).
Неколку часа претходно, во интервју за „Ал Џезира“, Резаеи ги откри трите барања што Иран ги поставува за завршување на војната: прекин на војната на сите фронтови, одмрзнување на иранските средства и укинување на американската поморска блокада.
„Нашите услови се: прекин на војната на сите фронтови, одмрзнување на нашите средства и прекин на поморската блокада“, рече Резаеи. Тој не ги откри преостанатите четири услови.
Според него, Катар, како посредник, веќе ги пренел барањата на Иран до Вашингтон, а Техеран сега го очекува одговорот на актуелниот американски претседател Доналд Трамп.
„Остануваме во контакт со посредникот Катар, кој ги пренесе нашите услови до Вашингтон со цел да се стави крај на војната. Го очекуваме одговорот на претседателот Трамп“, изјави Резаеи.
Истовремено, еден ирански функционер предупреди дека Техеран е подготвен да го продолжи конфликтот доколку преговорите пропаднат.
„Во интерес на Вашингтон е да ги прифати овие услови. Заканите на Трамп нема да донесат никаков резултат. Подготвени сме за одлучувачка војна“, изјави Резаеи за Ал Џезира.

