Иран погуби уште еден човек поврзан со протестите во јануари

21.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иран погуби уште еден човек поврзан со протестите во јануари

Еден човек беше обесен утрово, објавија ирански медиуми кои посочија дека бил осуден за палење пожар во џамија во областа Голхак во Техеран за време на немирите.

Вчера, уште двајца мажи беа погубени под обвинение за шпионажа. Властите ги обвинија за шпионажа за израелскиот Мосад, додека групите за човекови права рекоа дека тие биле политички затвореници наводно поврзани со опозициската група Народни муџахедини на Иран.

Групата Иран хуман рајтс, со седиште во Норвешка, ги осуди егзекуциите.

Организациите за човекови права долго време ја критикуваат широката употреба на смртната казна во Иран, обвинувајќи ги властите дека ги користат егзекуциите како алатка за заплашување.

Иран хуман рајтс вели дека најмалку 1.639 луѓе биле погубени во земјата минатата година - најголем број во последните 35 години.

Најмалку девет лица се егзекутирани во врска со протестите во јануари, кои беа насилно задушени од иранските безбедносни сили.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата