Иран одобри закон за воведување патарини во Ормускиот теснец, Вашингтон тврди дека каналот ќе биде отворен

31.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иран одобри закон за воведување патарини во Ормускиот теснец, Вашингтон тврди дека каналот ќе биде отворен

Иако деталите за висината на надоместокот се уште не се познати, иранските власти соопштија дека теснецот низ кој минуваат околу 20 проценти од светскиот извоз на сурова нафта во секој случај ќе остане затворен за бродови поврзани со САД и Израел, како и за држави кои имаат воведено санкции кон Иран, вклучително и Европската Унија. Потегот на Техеран наиде на експресна реакција од американскиот државен секретар Марко Рубио кој предупреди дека Иран би се соочил со сериозни последици, а теснецот како што кажа, ќе остане отворен на еден или друг начин.

- Ормускиот теснец ќе биде отворен, кога ќе заврши оваа операција тој ќе биде отворен и ќе биде отворен на еден или на друг начин. Ќе биде отворен бидејќи Иран ќе се согласи да го почитува меѓународното право и да не блокира комерцијален воден пат или коалиција на нации од насекаде во светот и регионот со учество на САД ќе се погрижат тој да биде отворен. На еден начин или на друг, (Ормускиот теснец) ќе биде отворен- Марко Рубио – Државен секретар на САД

Иако изминатиот период од Соединетите држави има најави за некакви преговори кои Иран жестоко негира да се водат, војната со Израел продолжува со несмален интензитет. Двете страни продолжуваат со размена на ракетни напади, а израелскиот премиер Нетанјаху посочи дека според него, повеќе од половина од воените цели се исполнети, без притоа да даде некаков рок за крај на војната. 

-Дефинитивно повеќе од половина пат имаме изминато но, не сакам да одредувам временски рок. Повеќе од половина во смисла на мисиите, не во поглед на времето, не сакам да навлегувам во распореди.- Бенјамин Нетанјаху – Премиер на Израел

Во меѓувреме, Вол Стрит Џурнал повикувајќи се на високи претставници во Белата Куќа пренесува дека американскиот претседател Трамп е подготвен да го заврши воениот конфликт дури и ако Ормускиот теснец остане затворен за сообраќај. Според текстот, Трамп нема намера да употреби воена сила за повторно да ја отвори стратешката меѓународна поморска рута.

© vreme.mk, правата за текстот се на редакцијата